Во чест на Пресвета Богородица: Петти фестивал на византиско пеење во Битола
Со одржување на „Петтиот фестивал на византиско црковно пеење“ под наслов „Раѓањето на Пресвета Богородица“, Битола и оваа есен ќе стане центар на духовната музика. Настанот е закажан за 13 септември 2025 година и традиционално ќе се одржи во храмот „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Битола, каде што фестивалот беше основан и првпат реализиран.
Фестивалот е посветен на Пресвета Богородица и има за цел да ја афирмира вековната традиција на византиското црковно пеење, карактеристично за Битола и поширокиот Балкан. Во изминатите години на него настапиле реномирани хорови од Македонија, меѓу кои „Калистрат Зографски“ од Струга, „Херувими“ од Скопје, „Св. Ахил Преспански“ од Ресен, „Пелагонитица“ од Прилеп, како и битолските хорови „Св. Нектариј Битолски“, „Св. Макрина“ и детскиот хор „Св. Стилијан“.
На програмата низ годините биле изведени бројни композиции од византиски и македонски автори, меѓу кои делата на Св. Јован Кукузел, Манасиј Поп Тодоров и Калистрат Зографски.
Новина на годинашното издание е настапот на византискиот хор „Мојсеј Петровиќ“ од Србија, кој првпат ќе гостува во Битола. Организаторите очекуваат дека со ова меѓународно учество фестивалот дополнително ќе го збогати своето значење и ќе привлече нови љубители на духовната музика.
Битола, како еден од старите духовни и културни центри на Македонија, преку вакви настани продолжува да ја негува традицијата на византиското црковно пеење и да го зацврстува своето место на културната мапа на регионот.